Еурофарм Пелистер со висока негатива на полувреме против Фуксе Берлин

Тимот на Еурофарм Пелистер губи на полувремето од мечот со бундеслигашот Фуксе Берлин со 22-14. Лошата одбрана на битолчани и лесните погодоци по брз центар на гостите беа доволни за високата негатива.

На почетокот се играше гол за гол. Василев и Костески реализираа за Еурофарм Пелистер за 2-1, но Холм израмни на 2-2. Киреев му фати пенал на Кузманоски, но и Лејсак одбрани контранапад на Вујовиќ, па беше 4-4.

Лихтлајн промаши, но Киреев запре зицер на Костески, па казната стигна преку Виде. Беше и 5-5, а бундеслигашот за првпат имаше плус два, откако Вујовиќ погоди во контра за 8-6.

Сери погреши во нападот, ниту Василев во контра не беше прецизен и Швеѓанецот Дарј го однесе Фуксе на плус три, 9-6. Валтер ги замени и Сери и Хенеберг, па проба со Атанасијевиќ на лев бек, кој во првиот негов обид изнуди пенал.

Но Киреев блескаше на голот и го одбрани вториот седмерец. Атанасијевиќ донесе нова енергија во нападот на битолчани, погоди два пати по ред, но гостите со брза транзиција веднаш враќаа и беше 12-8 во 20 минута од мечот.

Набрзина без многу напор Фуксе стигна и до плус шест. По реализацијата на пелистерци, гостите веднаш тргнуваа во напад и лесно го совладуваа Лесјак. По голот на Пешевски, следуваа две грешки на битолчани и Фуксе веќе отиде на високи 20-13.

Немаше многу промени до крајот на полувремето и гостите заминаа на пауза со плус осум, 22-14.