Еурофарм Пелистер подготвен да игра и во јули и во август за да се добие шампион!

Екипата на Еурофарм Пелистер исто како и Вардар не успеа да одигра ниту еден натпревар на домашна сцена со оглед на тоа што првенството беше прекинато уште пред да стартува плеј-оф сезоната. Во моментов битолчани се во исчекување на епилогот односно на тоа дали и кога би продолжила сезоната, а сите ракометари се во тренажен процес.

Тренерот Жељко Бабиќ во интервју за 24Ракомет откри дека има еден предлог околу тоа кога би можело првенството да биде одиграно и шампионот да биде добиен на терен, а не на зелена маса.

„Не сум доктор, но според тоа како се одвива ситуацијата тешко дека ќе се заврши сето ова за брзо време. Би сакал да првенството да се заврши на терен. Мислам дека можеме да изнајдеме некој модел. Сега е навистина тешко да се донесе решение, но можеби ќе биде најдобро да го одиграме првенството како подготовка за новата сезона. Доколку почнеме со подготовки на 1 јули, а со првенството некаде на 25 јули и играме до 1 септември сметам дека можеме да го добиеме шампионот на терен. Јас сум оптимист во однос на ова и сметам дека можеме тогаш да ги одиграме сите десет кола од плеј-офот“.

Засега сите се во исчекување на тоа што ќе се случува односно кога ќе се добие зелено светло за враќање на терените. Дотогаш Бабиќ заедно со раководството работи на планот како до крајот на сезоната, но и веќе се размислува за следната за формирање на тимот кој ќе се бори за што е можно подобри резултати на сите полиња.