Еурофарм Пелистер одработи рутински против Бутел Скопје

Тимот на Еурофарм Пелистер славеше против Бутел Скопје со 26-18 пред неделата во која ќе одигра дури три меча. Гостите парираа одлично на стартот на мечот, беше 5-5, пред домаќините да заиграат посериозно и да поведат со 8-5.

Грчевски побара тајм-аут, но неговиот ростер одново беше некомплетен, па немаше многу избор во играчкиот кадар и до крајот на полувремето, битолчани стигнаа до плус четири, 15-11.

На стартот на вториот дел Еурофарм Пелистер остана без Дарко Стевановиќ, кој доби црвен картон поради груб старт во 36. минута.

Но и покрај тоа, избраниците на Александар Јовиќ, се разиграа, влегоа во ритам и обезбедија плус осум, 23-15, кои до крајот само рутински ги задржаа и прославија лесна победа.

Најдобри стрелци кај битолчани беа Ненад Костески со осум гола и Марио Танкоски, кој даде четири. Кај Бутел Скопје стандардно, се истакна Мирко Мајиќ со осум погодоци, а Кристијан Давитковски постигна три.

Битолчани в понеделник ги чека дуел со Татран Прешов  во СЕХА лигата, а в четврток двобој со Алкалоид, додека Бутел Скопје одново ќе гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер 2.