Еурофарм Пелистер запиша втор пораз во СЕХА лигата

Екипата на Еурофарм Пелистер го запиша вториот пораз во новата СЕХА лига, откако во второто коло на гостувањето во Нашице кај Нексе беше поразена, со резултат 29:25 (15:12). Ракометарите на Валтер во првото коло беа поразени од српскиот шампион Војводина.

Дуелот меѓу хрватскиот вицепрвак и битолскиот тим започна со голот на Сршен за водство на тимот од Нашице од 1:0. Пелистерци преку средниот бек Танкоски израмнија на 1:1 и до 15 минута одржуваа чекор со ривалот, иако Нексе во неколку наврати имаше два гола предност, но без голема комоција во играта.

По нерешените 6:6, домаќините од 15, па се до 20 минута постигнаа три гола во низа, се одлепија на 9:6 и беа повеќе пофокусирани во одбраната, која не дозволуваше голем напредок на играта на гостите од Битола, кои неколку минути беа во криза.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер по тајм-аутот на Ларс Валтер за момент заиграа поангажирано, имаа краток залет, намалија на 9:8, но до финишот на полувремето повторно дојде во израз одличната одбрана на домаќините, па така откако беше 10:9, македонскиот вицепрвак прими три гола во низа и водството на Нексе во 25 минута беше 13:9.

Пелистерци лесно влегуваа во негатива и никако не можеа да дојдат до камбек во дуелот. На голот на Нексе на моменти блескаше Цар, кој беше дополнителен проблем за Еурофарм Пелистер. Нексе пред крајот на првиот дел поведе со 15:10 и на пауза замина со активен резултат од 15:12.

Вториот дел започна со неколку грешки на двете страни, домаќинот во неколку наврати не успеа да дојде до четири гола разлика, а тимот на Еурофарм Пелистер со голот на Костески намали на минус два, 15:13. Еурофарм Пелистер се обидуваше да го одржи ритамот, но грешките во нападот беа причина за Нексе во 35 минута да поведе со 17:13.

Следуваше период, во кој хрватскиот вицепрвак успеваше да одржи дистанца од три до четири гола разлика. Нексе откако имаше водство од 18:14, му дозволи на Еурофарм Пелистер да направи серија од 2:0 и да намали на 18:16. Домашниот тим го искористи моментот со двајца играчи повеќе и во 40 минута повторно дојде до пет гола разлика, 21:16, додека минута подоцна со два брзи гола од контра зголеми и на ,,плус седум” и водство од 23:16.

Серијата од 5:0 на домаќините беше прекината со голот на Петар Атанасијевиќ, кој намали на 23:17. Ракометарите на Валтер влегоа во серија, возвратија со иста мера, намалија на 23:21 и останаа во игра барем за бод во сехалигашкиот дуел. На осум минути пред крајот водството на домаќините беше 24:22 и тука беше јасно дека само нијанси ќе одлучат за денешниот исход. Избраниците на Тамше зголемија на 26:22  и рутински ги одработија последните минути за прв сезонски триумф во новата сезона од регионалното натпреварување.

Најефикасен во победничката екипа беше Иван Сршен со шест гола. Голманот Доминик Кузмановиќ натпреварот го заврши со осум интервенции, додека неговиот колега Морено Цар запиша шест интервенции. Кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Мирко Радовиќ со пет и Ненад Костески со четири реализации. Марко Кизиќ запиша пет, додека Урбан Лесјак имаше само една одбрана.