„Еурофарм Пелистер е најслаб од ривалите, но не е слаб тим – во Битола никогаш не е лесно“

Поминаа неколку дена од ждрепката за групите во Лигата на шампионите, но се уште се актуелни импресии за ривалите.

Еден од најдобрите играчи на Загреб, Јаков Гојун, во изјава за „Спортске Новости“, вели дека Еурофарм Пелистер е најслаб меѓу ривалите, но дека не е слаб тим.

„Би ја поделил групата на три дела. Во првиот се Кил, Келце и ПСЖ, тоа се три одлични екипи, но не значи дека против не се може. Кил е ослабен без Ландин, Зарабец и Сагосен и кој и да дојде нема да биде исто. ПСЖ ги загуби Тофт Хансен и Кристопанс, го добија Холм, но и тие нема да бидат истиот тим. Келце стално има некои финансиски проблеми, а тоа не е безначајно. Мора да ја искористиме секоја шанса против нив“, вели Гојун.

Според Гојун во вториот дел се Алборг, ПИК Сегед и Колстад, додека во третиот дел е Еурофарм Пелистер.

„Алборг остана без Клар, Сандел, Палмарсон и нема да биде ист, а против ПИК Сегед повеќепати покажавме дека можеме да играме рамноправно. Колстад е силен, скап проект, но е нов во ова друштво и никој не може да знае како ќе се однесува. Номинално Еурофарм Пелистер е најслаб од сите ривали, но не е слаб тим, да нема забуни. Многу вложуваат, имаат супер публика и со нив во Битола никогаш не е лесно. Но прво и најважно за нас е ние да се поставиме како што треба, да бидеме спремни и здрави“, вели Гојун.

Токму Загреб ќе биде првиот гостин во Битола во новата сезона кај Еурофарм Пелистер на 13/14 септември.