Еурофарм Пелистер 2 елиминиран од Лигата на Европа, Алпла Хард патува во второ коло

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се елиминирани од Лигата на Европа, откако загубија на домашен терен од Алпла Хард со 27-24. Со двата порази од австрискиот вицепрвак, младите битолчани го завршија европскиот настап.

Избраниците на Александар Јовиќ поведоа со 3-0, но набрзина гостите од Австрија се вратија во игра и израмнија на 3-3. Младите битолчани диктираа темпо во продолжение и имаа водство и со 7-5.

Искусниот ривал израмни на 11-11, но домашните продолжија со грешки и Алпла Хард тоа го искористи. Погодуваа Хорват и Шварцлер за 14-11, пред Белистојаноски со голот од пенал да намали на 14-12, резултат со кој се отиде на пауза.

Алпла Хард веднаш на стартот поведе со 16-12, но упорните домаќини не се откажуваа и намалија на 17-16, а подоцна и 18-17. Во продолжение Кукуловски и Талевски имаа шанса да го израмнат резултатот, но не погодија.

Рашле и Предраговиќ стрелаа по два пати за 22-17, откако Петровиќ беше исклучен и на десетина минути до крајот веќе беше најавен патникот во следното квалификациско коло од Лигата на Европа.

Но битолчани направија серија од три гола, а Арсеновски намали на 24-22 на пет минути до крајот, по што гостинскиот тренер побара тајм-аут. Предраговиќ со гол ги реши дилемите околу победникот.

Белистојаноски беше најдобар стрелец со шест гола, додека Петар Атанасијевиќ постигна четири погодоци. Еурофарм Пелистер веќе в среда го чека првиот натпревар од Суперлигата против Тиквеш.