Еурофарм Пелистер без Ф4 во СЕХА, со пораз и во Белорусија

После загубениот натпревар на домашен терен ракометарите на Еурофарм Пелистер претрпеа пораз од 35:31 и на гостувањето во Белорусија кај Мешков Брест со што не успеаја и во оваа сезона да се изборат за учество на Ф4 турнирот во СЕХА.

Тимот од Битола имаше добро отворање на натпреварот и парираше. Сепак, тоа траеше десет минути кога резултатот беше 5:5. Овие десет минути беа убава најава за натпреварот, но следните десет не беа воопшто оптимистички бидејќи во 20. минута тимот на Мешков Брест водеше со 13:6.

Тука веќе беше решен победникот на овој натпревар, но и победникот во четврт-финалниот двобој така што остана само прашањето со која разлика ќе заврши натпреварот.

На полувреме резултатот беше 18:14 за Мешков Брест, а овие плус четири беа доволни во вториот дел од средбата да се одигра мирно. На секој обид на момците од Еурофарм Пелистер да намалат имаше веднаш враќање од домашните, па не беше дозволено да се случи изненадување.

До крајот со сигурна и мирна игра Мешков Брест дојде до уште една победа против Еурофарм Пелистер. После 31:27 на првата средба, сега со 35:31 беше обезбедено ново учество на Ф4 турнирот каде што веќе е пласиран и Веспрем, а подоцна во текот на денот ќе биде познато име на уште една екипа додека во вторник ќе биде комплетиран списокот на полуфиналисти.

Никита Вајлупов со 11 гола беше убедливо најефикасен и во Мешков Брест и на теренот, додека голманот Иван Мацкевич имаше 12 интервенции. Во Еурофарм Пелистер и Секељ и Кизиќ имаа по четири одбрани, додека Мандалиниќ и Обрадовиќ беа најефикасни со по пет гола.