Ем херој, ем трагичар – постигна 24 гола, но го промаши последниот напад за триумф

Во рамките од првата федерална лига во БиХ, Слобода 2 и Жепче одиграа неизвесен натпревар, односно без победник, 30:30. Ова беше прв натпревар за двете екипи во новата натпреварувачка сезона.

Натпреварот го одбележа ракометарот на екипата од Жепче, Томислав Јукиќ, кој постигна неверојатни 24 погодоци, но исто така, Јукиќ во последниот напад имаше шанса да му донесе победа на својот тим. Сепак, неговиот удар кон противничката мрежа не беше реализиран, тоа значеше крај на натпреварот и поделба на бодовите.

Резултатот остана во втор план, а младиот Јукиќ со своите 24 гола постави нов рекорд во босанскиот машки ракомет. Во изјава за босанскиот портал „Sportsport.ba“, Јукиќ истакна дека за време на натпреварот воопшто не бил свесен дека постигнал толку многу погодоци.

„На теренот, фокусиран сум исклучиво на следниот напад, па бев изненаден на крајот од играта кога тренерот ми рече дека постигнав 24 гола. Дури подоцна, кога адреналинот почна да се намалува по натпреварот, сфатив што направив. Секако, би сакал да му се заблагодарам на тренерот за довербата и слободата што ми ја даде во играта, без која ова не би било можно“.