Елверум го изненади Мешков Брест, Мотор пак славеше над Загреб

На денешната програма во Лигата на шампиони беа два натпревари, Елверум го пречека Мешов Брест, додека Мотор во Запорожје беше домаќин на Загреб. На двата натпревари беше многу интересно со очекуван квалитет за најдоброто европско клупско натпреварување.

Мотор Запорожје стигна до нова бодови откако славеше против Загреб со 29:25. Ракометарите на Мотор го имаа почетното водство од 3:1, но Загреб успеа да возврати и во 10. минута поведе со 4:5. Следуваше одчичен период на Мотор со серија од 5:0 за прво повисоко водство. До крајот на првиот дел Загреб го подигна нивото и успеа да ја стигне негативата, на полувреме беше 13:13.

Загреб имаше добар почеток на второто полувреме, водеше со 14:16 и 16:18, но повторно си дозволија нов пад во играта кој го искориси украинскиот тим. Со нова серија од 5:0 од минус два Мотор стигна до водство кое го одржа до крај на дуелот за уште една победа против Загреб.

Најпрецизен во тимот на Мотор беше Козакевич со 10 гола, а седум постигна Бокан, додека во екипата на Загреб, Владо Матановиќ погоди осум пати и беше прв стрелец во својот тим.

На натпреварот Елверум и Мешков Брест се играше многу брз и возбудлив ракомет. Во текот на целиот натпервар екипите го менуваа водството и до самиот финиш беше неизвесен победникот. После голема борба Елверум славеше победа со 33:31.

Во првото полувреме Мешков го имаше највисокото водство од три гола во 24. минута но до крајот на првиот дел Елверум намали и по 30. минути беше 16:17. И продолжението продолжи максимално неизвесно, Елверум поведе во 35. минута со 20:19 и успеваше да одржи еден предност до завршницата кога подобро се снајдоа и ја остварија втората победа во Лигата на шампионите сезонава.

Најефикасни со по пет гола во победничкиот тим на Елверум беа Мате, Блонц и Абало кој беше прогласен за играч на натпеварот. Во составот на Мешков Брест Владимир Врањеш се истакна со седум гола, додека Јуринок и Паниќ постигнаа по шест погодоци.