Поранешен вардарец ја спасува Црвена Ѕвезда – Јас сум храбар и луд, ова е предизвик за мене

Србинот Огњен Кајганиќ кој еден дел од кариерата помина во Вардар, а беше и дел од екипата на настапите во Лигата на шампионите во сезоната 2004/05, пред една година го презема клубот Црвена Ѕвезда во обид да го спаси од пропаѓање и да го врати на вистинските патеки.

Покрај многуте коментари дека на Ѕвезда и нема спас, а Кајганиќ непотребно се впушта во оваа авантура тој успеа за многу кратко време да направи многу за клубот. Огромниот долг на екипата е зналително намален, а една од главните цели е редовна плата за играчите.

„Јас сум и храбар и луд, авантурист сум и ова беше голем предизвик за мене. Знаев што ме очекува, но бев добро подготвен. Успеавме од 600 илјади евра долгот на клубот да го намалиме на 150 илјади, што во овој момент е неверојатно. Сè од минатата сезона е исплатено, должни сме само една плата но и тоа ќе биде регулирано. Работиме на тоа да ја вратиме Ѕвезда на она што беше, најпрво важно е да има редовна плата“, рече Кајганиќ.

Црвена Ѕвезда беше последна на табелата при прекин на првенството кое доколку продолжеше ќе играше во плеј-аутот.

„Ѕвезда ќе обезбедеше опстанок да се играше до крај првенството. Нема да кажам 100 проценти, но речиси сигурно. Имавме четири бода повеќе од конкурентите во плеј аутот и ќе бевме во предност. Последните кола ги игравме со екипите кои беа директни конкуренти во борбата за опстанок и ни беше важно. Жал ми е што беше прекинато првенството бидејќи не обезбедивме опстанок на теренот“, продолжи Кајганиќ.

А на крајот Србинот зборуваше за менталитетот на ракометарите во земјата и што треба да се промени кај клубовите.

„Клубовите постојано се жалат на судиите дека се вакви или онакви. Имаат и тие своја одговорност, но како поранешен играч нема да кажам ништо за нив. Клубовите мора да тргнат од себе, да престанат да се договараат и да враќаат бодови едни на други, па тогаш може да размислуваат на другите работи. Играв во 13 земји и никогаш никаде не го слушнав прашањето кој ќе ни суди, тоа не постои а овде тоа е прва и главна тема“, заврши Огњен во изјавата српски Журнал.