Екс вардарецот имаше многу понуди, но остана во Шведска да гради куќи од дрво

Поранешниот голман на Вардар, Летонецот Артурс Кугис во февруари го продолжи договорот со шведскиот Варберг и ќе остане до 2023 година да го брани голот на овој тим.

Голманот во изјава за handball.lv раскажа зошто одлучил да остане во Шведска иако имал повеќе понуди од различни земји како Шпанија, Катар и Германија.

„На моето семејство навистина му се допаѓа тука, убаво место, мал град, се е мирно и нема проблеми со коронавирус. Имав понуди од повеќе тимови, можев да одам да играм во Катар, но ја одбив таа понуда. Имав понуда и од клуб од Асобал лигата кој е на средина на табелата, беше интересно но премногу е ризично сега да се селиме. Имаше понуда и од Германија но Варберг ми понуди нешто конкретно и прифатив. Повеќе не треба да се грижам каде ќе играм следната сезона, мојата форма оди во нагорна линија. Исто така му помагам на мојот брат кој има компанија за градење куќи од дрво. Имаме добри клиенти во Норвешка, а ги прошируваме контактите и во Шведска“, изјави Кугис за handball.lv.

Артурс Кугис помина краток период во Вардар, а требаше да остане две сезони но многуте проблеми со повредите не дозволија да ги покаже своите квалитети и го напушти црвено-црниот тим.

Со Варберг следната сезона ќе игра во второлигашката конкуренција во Шведска.