Едно добро полувреме недоволно за успех, Вардар се враќа со висок пораз и од Порто

Екипата на Вардар се враќа со висок пораз од гостувањето во Португалија каде против тимот на Порто имаше едно добро и едно полувреме под просекот. Порто на крајот славеше со 30:22.

Почетокот на средбата им припадна на ракометарите на Вардар. Влегоа подобро во овој дуел и наметнаа свое темпо. Покажаа дека денеска можат да се носат со противникот, а имаа одлична поддршка од Кизиќ на голот.

Сепак, после водството од 3:1 дојде до пресврт откако Порто искористи неколку грешки и надомести за водство од 5:3. Тука почна контролата на играта од страната на тимот од Португалија, а највисоката предност беше три гола и тоа во неколку наврати. последен пат беше при 10:7, но до крајот на полувремето вардарци се вратија и намалија на гол.

Откако Порто замина на одмор со 11:10 на стартот на второто полувреме набрзина ги донесе работите во своја корист и имаше контрола. Поведе со 18:11 во 39. минута и тука се чинеше дека веќе го има добиено натпреварот. Само еден погодок за девет минути игра имаа голема улога на теренот.

Во обид да се вратат во натпреварот почнаа да грешат. Се редеа грешки во нападот, а потоа и недоволно голема цврстина во одбраната така што сето тоа придонесе предноста на Порто да продолжи да се зголемува. Имаше постојана контрола така што немаше простор за да се направи нешто повеќе.

Вардар рано го загуби овој дуел во кој одлично почна. Оттаму веќе е јасно дека нема да има шанса за да се дојде до подобар резултат. Обидите за ублажување на поразот даваа надежи само на моменти, но беше јасно дека Порто на овој дуел ќе ги освои бодовите. Со тоа шансите на Вардар и за 4. место пропаѓаат, па останува да се види дали на 5. или на 6. место во групата ќе ги финишира битките од разигрувањето.

ПОРТО – ВАРДАР           30:22 (11:10)

Сала: Драгао арена во Порто. Судии: Петер Хорват и Балаш Мартон од Унгарија. Делегат: Дагфин Вилангер од Норвешка.

ПОРТО: Кинтана 1/1 (13 одб.), Итуриза 2/3, Бланко, Мартинс Соарез 3/5, Мбенгу 1/4, Хернандез Зулуета 0/1, Силва 1/1, Салина 2/4, Фернандез 3/3, Боргес 5/6, Бранкињо 2/4, Бауер, Ареја Родригез 5/5, Гомез 5/7, Алвес, Магаљаеш 0/1

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 2 мин.

ВАРДАР: Кизиќ (10 одб.), Гедбан (1 одб.), Стоилов 2/4, Кукуловски, Димитриоски, Карапалевски, Сикошек Пелко, Скубе 3/4, Калараш 3/3, Чупиќ 1/3, Де Толедо 1/4, Дибиров 3/9, Горбок 2/8, Шишкарев 7/9, Ќосевски, Горпишин.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 6 мин.