Една од најдобрите црногорски ракометарки кажа крај

Една од најдобрите и најтрофејните црногорски ракометари на сите времиња, левото крило Мајда Мехмедовиќ ја заврши својата богата клупска кариера, која беше проследена со голем број успеси.

Поранешната репрезентативка на Црна Гора кариерата ја заврши со пехар во рацете, откако со нејзиниот довчерашен клуб Кастамону ја одбранија шампионската титула во Турција.

Кастамону во разигрувањето за титулата за ривал го имаше Коњалти, клуб во кој настапуваат двете репрезентативки на Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова, и успеа да ја добие финалната серија со 3-2.

Најзаслужна за одбраната на титулата беше токму искусната црногорска ракометарка. Мехмедовиќ во Кастамону играше две сезони и во турскиот првак пристигна како големо засилување од редовите на Будуќност.

Во својата кариера беше дел и од екипата на ЧСМ Букурешт, додека најголемиот дел го мина во нејзиниот матичен клуб Будуќност, со кој двапати го освои златото во Лигата на шампионите, сезона 2011/12 и сезона 2014/15.

Мехмедовиќ од црногорската репрезентација се повлече во месец октомври, 2021 година. Натпреварот против Македонија во рамки на ЕХФ Евро купот во Никшиќ беше последен за Мехмедовиќ во националниот дрес.

Таа беше дел од златната генерација на Црна Гора и заедно со нејзините репрезентативни колешки се радуваше на златниот медал на Европското првенство во Србија (2012). Истата година го освои и среброто на Олимписките игри во Лондон.