Еден вардарец и еден пелистерец ќе бркаат ЕП со Црна Гора (ФОТО)

Селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ го објави списокот на 18 ракометари за натпреварите против Косово, Шведска и Романија во рамките од квалификациите за настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Во однос на претходните натпревари, Рогановиќ во репрезентацијата ги врати Владан Липовина и Стефан Чавор, а поради повреда на натпреварите нема да настапи Милош Вујовиќ. Рестриктивните мерки во Катар беа причина Стеван Вујовиќ да остане надвор од списокот.

На списокот се најде и левиот бек на Вардар, Васко Шеваљевиќ и десното крило на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.

Собирот на репрезентацијата е закажан за в понеделник, а ден подоцна Црногорците ќе патуваат во Приштина.

Црна Гора е во група заедно со Косово, Шведска и Романија. За настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка, Црна Гора треба да го совлада Косово и Романија за второто место во квалификациската група број осум.