„Едвај ги чекаме дуелите со Тиквеш, играчите секогаш имаат дополнителен мотив против кавадарчани“

Тимот на Вардар Неготино го има осигурано место во разигрувањето за место во Суперлигата на две кола до крајот на регуларниот дел од Првата лига. Иако сезонава беше стартувана со помали амбиции, сепак со неколку победи тимот се искачи високо на табелата и сега амбициите се зголемуваат во пресрет на плеј-офот.

„Во претпоследното коло сме слободни, а во последното коло гостуваме кај Риниа во натпревар кој ќе биде формален. Нашиот тим е посилен со повратниците од Прилеп, левиот и среден бек Драган Кузманов, како и кадетскиот репрезентативец Ѓорѓи Ташев. Се засиливме и со левото крило Кристијан Ристов, поранешен член на Борец Велес и Вардар Јуниор, а имаме уште двајца нови играчи. Станува збор за десниот бек Иван Митревски кој дојде од Македонија Ѓорче Петров и пикерот од Аеродром, Небојша Василевски. Во комбинација беше и голманот Петар Ангелов, но тој се реши за трансфер во Пролет“, вели тренерот Тоде Кузманов.

Интересно се очекува во дербито против кавадаречки Тиквеш, со кој неготинци ќе имаат две пресметки во плеј-офот.

„Не чекаат два меча со Тиквеш, кој во има одличен скор во досегашниот тек од Првата лига. Играчите ќе бидат дополнителен мотив, едвај ги чекаат овие средби, а победникот никогаш не може да се прогнозира однапред“, продолжува Кузманов.

Вардар Неготино дел од подготовките ги мина во Србија.

„Подготовките ги одработивме на Власинско Езеро и имавме по три тренинзи на ден, па физичката подготвеност на играчите е на високо ниво. Имавме контролни средби во Србија и по враќањето во Македонија со Охрид, Металург 2 и Партизан Гевгелија. Во Купот на Македонија ги победивме Куманово и Астраион. Иако игравме пред празни трибини, сепак успеавме да се пласираме во четвртфиналето. Имаме желба да се надигруваме и се надеваме на позитивни резултати во продолжение од сезоната“, заврши Кузманов во изјавата за 24Ракомет.

Неготинци ги очекува уште пресметка со Риниа на гости во Скопје во последното коло од Првата лига, но и без разлика на исходот од овој меч, го обезбедија местото во плеј-офот.