Егзодус од полскиот првак – половина Келце оди во ПИК Сегед!

Според пишувањата на унгарскиот „Еурспорт“, дури шестмина ракометари на полскиот Келце плус тренерот Талант Душебаев ќе се преселат во ПИК Сегед ова лето.

Финансиските проблеми на Келце, кои очигледно нема да бидат решени, барем не до предвидениот рок, се повеќе ги зголемуваат шансите за егзодус и заминувања на голем број ракометари.

Во ПИК Сегед би требало да се пресели Талант Душебаев кој ќе го замени Хуан Карлос Пастор, а во пакет и неговите синови – Алекс и Даниел. Десниот бек би го заменил Кент Робин Тонесен, додека Даниел би ја зголемил конкуренцијата со Мачковшек, Мартинс и Бодо на левата и средна бековска позиција.

Покрај триото Душебаеви, во ПИК Сегед би требало да оди и голманот Андреас Вулф, но само една сезона, бидејќи од 2024 ќе оди во Веспрем како замена за Владимир Цупара.

Французите Дилан Наи, Николас Турна и Беноа Конку се споменуваат како замени за Александар Блонц кој оди во ГОГ Гудме, за Миклош Рошта кој се сели во Динамо Букурешт и за Богдан Радивојевиќ кој оди во Монпелје.

Според „Еуроспорт“ преговорите веќе се во тек, а можеби и завршени, но веројатно трансферите нема да бидат потврдени уште некое време. На сите ракометари и на тренерот Душебаев, им е понудена соработка до 2026 година (со исклучок на Вулф, кој би играл само една сезона).