Европскиот првак на колена во Германија

Денес со шест одиграни натпревари се комплетираше 4. коло од Лигата на шампионите во женска конкуренција, во кое најголемо изненадување направи тимот на Битингхајм, кој го совлада актуелниот бранител на титулата, Вајперс Кристијансад со 32:30.

Германскиот шампион направи голем чекор во борбата за пласман во следната фаза и моментално се наоѓа на лидерското место во групата А. Битингхајм во следното, петто коло, ќе гостува во Словенија кај Крим, кој денес беше поразен на домашен терен од Ференцварош со 32:30 и веќе се наоѓа во опасната зона од елиминација уште во првата фаза од Лигата на шампионите.

Трите репрезентативки на Македонија, Андреа Седлоска, Леонида Гичевска и Сања Дабевска со Локомотива Загреб на гостувањето кај Ѓер очекувано беа поразени со 32:16. Ѓер победата ја обезбеди уште во првото полувреме, кое го доби со убедливи 15:18.

Кружниот напаѓач Сања Дабевска и левиот бек Леонида Гичевска во мрежата на унгарскиот гигант постигнаа по еден гол, а Андреа Седлоска не успеа да се запише во листата на стрелци. Хрватскиот шампион по четири одиграни кола заедно со Кастамону се наоѓаат на дното на табелата во групата Б.

На останатите натпревари победа остварија екипите на Рапид Букурешт, Брест Бретањ и ЧСМ Букурешт. Романските тимови во ЛШ, Рапид Букурешт и ЧСМ Букурешт беа подобри од претставниците на Данска, Есбјерг и Оденсе. Брест Бретањ не виде мака против Бањик Мост, славеше убедливо со 31:26.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

КРИМ – ФТЦ 30:32 (15:16)

ОДЕНСЕ – ЧСМ БУКУРЕШТ 27:31 (13:16)

БИТИНГХАЈМ – ВАЈПЕРС 32:30 (16:17)

БРЕСТ БРЕТАЊ – БАЊИК МОСТ 31:26

ГРУПА Б

ЃЕР – ЛОКОМОТИВА 32:16 (15:8)

РАПИД БУКУРЕШТ – ЕСБЈЕРГ 34:32 (19:14)

БУДУЌНОСТ – МЕЦ 28:36 (16:21)

СТОРХАМАР – КАСТАМОНУ 31:29 (12:13)