Дупјачанец: Ова е најважниот натпревар и мора да помогнам

Еден од најискусните ракометари во тимот на Металург, голманот Даниел Дупјачанец вечерва треба да биде големо засилување за металурзите со оглед на тоа што во последниот период не работеше со своите колеги.

Поради повреда Дупјачанец беше надвор од игра односно од комбинација за составот. Со неговото враќање се добива избор плус за на голот и сигурно ќе биде далеку полесно бидејќи сега се игра добра голманска двојка која може да донесе позитивен резултат.

„Сега е многу подобро, a ова е најважниот натпревар и мора да помогнам. Го анализиравме Горење и тоа добро. Одличен тим се, но можеме да играме против нив и можеме да се надеваме и на поволен резултат.  Најсилното оружје на Горење е транзицијата и главната битка ќе биде околу тоа кој ќе наметне ритам. Ние мораме да ја играме нашата игра, да ги доведеме што почесто да играат позиционен напад. Не смееме да влегуваме во нивниот ритам и да се бркаме низ теренот. Тоа е нивна игра, тука ќе бидат тие во предност.Ние се подготвивме за овој меч и сега треба да го одиграме тоа што го договараме и вежбаме“, вели Дупјачанец.