Дукоска: Бевме сигурни, мотивирани и на ниту еден натпревар не се откажавме

Женската кадетска репрезентација на Македонија на ЕХФ шампионатот во Литванија го освои првото место и направи голем чекор за идните генерации. Со освоеното прво место, обезбедени се учества на три големи натпреварувања – ЕП за кадетки, младинки и СП за кадетки.

Една од носителките на кадетската репрезентација, Теодора Дукоска која беше избрана во идеалниот тим на ЕХФ шампионатот во Литванија како најдобро десно крило, по пристигнувањето во Скопје даде свој коментар за остварениот успех на својата репрезентација и своја оценка за судењето на самиот шампионат.

„Уште од самиот почеток на ЕХФ шампионатот бевме мотивирани од страна на нашите тренери. Бевме сигурни, верувавме во себе и на ниту еден натпревар не се откажавме. Не помислувавме за пораз и се боревме до самиот крај. Поразот од Шпанија ни даде поголема мотивација, пред се, нас ни одговараше резултатот од три негатива и ние со тоа бевме уште повеќе мотивирани за следните натпревари. Има моменти кога на самиот терен те фаќа нервоза поради судиите, но бевме мотивирани сите заедно и ги надминавме тие мали пречки“, изјави Дукоска за 24 Ракомет.

Младата ракометарка во новата сезона ќе настапува за екипата на Чаир која претрпе голем број на измени во претходниот период. Чаир освен на домашна сцена ќе настапува и во Европа.

„Мислам дека сме добар тим, имаме доста нови ракометарки, а екипата во моментов ги одработува подготовките. За неколку дена ќе им се придружам во Скопје и се надевам дека ќе имаме добри резултати во новата сезона. Се уште не размислувам за кариера во странство, но најголема желба ми е да заиграм во Ѓер“, заврши Дукоска.