Дувњак и Екберг остануваат верни на Кил, потпишаа нови договори

Актуелниот шампион на Германија и следен противник на Вардар во Лигата на шампионите, Кил објави дека ги продолжува договорите со репрезентативецот на Хрватска, Домагој Дувњак, како и со интернационалецот од Шведска, Никлас Екберг. И двајцата ракометари имаа договори до крајот на летото, а управата на Кил покажа интерес за продолжување на соработката.

Без проблеми и со надеж за враќање на титулата од Лигата на шампионите во свои раце, двајцата ракометари ја продолжија својата верност кон Кил на уште две сезони. Дувњак и Екберг во Кил ќе останат до 30 јуни во 2024 година, но не е исклучена можноста да се задржат на подолг временски период во тимот од Германија.

Дувњак во Кил пристигна во 2014 година и веднаш стана носител на играта на „зебрите“, а во сезона 2019/2020 успеа со неговите колеги да ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Никлас Екберг го носи дресот на Кил од 2012 година и секогаш е меѓу најефикасните на теренот. При освојувањето на шампионскиот пехар во Лигата на шампионите, Екберг беше најдобар стрелец со 85 гола.