Дрогришки: Само со беспрекорна игра во сите сегменти може да се парира на ривал како Вардар

Ракометарите на Охрид во сабота ги очекува натпревар во Купот на Македонија. Во рамките на групата 1, Охрид во Скопје се среќава со актуелниот македонски шампион Вардар, кој во досегашниот дел од сезоната на три пати беше поуспешен од охриѓани.

Своите очекувања пред натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ ги сподели средниот бек, Стефан Дрогришки.

„Вардар е доста квалитетна екипа составена од играчи кои знаат како се освојуваат трофеи. Ние одигравме добар натпревар пред домашната публика, се надевам дека и таму ќе одиграме добро. За разлика од претходниот натпревар од Супер лигата, против Алкалоид, кога имавме многу повредени играчи, сега имаме подолга клупа и нема да недостасува таа ротација. За да се победи еден противник како Вардар треба одбраната да функционира многу добро, да имаме одбрани од голманите, да бидеме беспрекорни во нападот, така да само со добра игра во сите сегменти може да се парира на ваков противник“, изјави Дрогришки.

Натпреварот меѓу Вардар и Охрид се игра во сабота, 18 март, со почеток од 17:00 часот, во спортската сала „Јане Сандански„ во Скопје.

Подобриот од овој дуел ќе вкрсти со победникот од натпреварот Јуниор КВ и Скопје.