Драчево се враќа на ракометната мапа, се пријави за учество во Првата лига

Ракометната федерација на Македонија им даде рок на екипите кои сакаат да бидат учесници во сите конкуренции од новата сезона, да ги достават своите пријави до 30 јуни.

Еден од новите состави што се пријави во Првата лига ќе биде Драчево, а овој тим ќе биде предводен од поранешниот ракометар на Вардар, Велимир Настески.

Драчево своевремено под водство на Игор Котевски беше член на Суперлигата, а таму играа токму Настески, Тренчевски, Андоновски, Трпевски, Серафимовски и уште многу други суперлигашки ракометари.

Сега Драчево се враќа на ракометната мапа, иако и во преходните сезони се натпреваруваше, но само во младинските конкуренции.

Покрај сениорската екипа што ќе игра во Првата лига, Драчево пријави учество и во пионерската машка лига, како и во женската кадетска конкуренција.