ДРАМА во финишот: Ѓоргиевски погоди од слободен удар по истекот на времето, Делчево освои бод!

Ракометарите на Партизан Гевгелија може да жалат што не успеаја да го победат тимот на Делчево. Иако водеа во финишот со плус четири, на крајот мораа да се задоволат само со бод.

На пауза водеа делчевци со 15-17, потоа избраниците на Гоце Стоиловски имаа и плус три, 19-22, но гевгеличани кои играа на домашен терен направија серија од пет голови и поведоа со 24-22.

Потоа беше и 31-27, а во последните две минути се влезе со 33-30 и тука почнаа возбудувањата. На два пати Ѓоргиевски и еднаш Ѓорѓиев погодија за 33-33.

Партизан преку Тодор Узунчев имаше 34-33, а за Делчево останаа триесетина секунди за напад за реми. Нивниот напад беше прекинат со неколку фаули за девет метри. Последниот удар беше по истекот на времето, а него го реализираше Ѓоргиевски за реми, 34-34.

Најдобри стрелци во гевгелискиот тим беа Тодор Узунчев со 12 и Димитар Вегов со пет погодоци, додека во тимот на Делчево по десет пати погодија Гоце Ѓорѓиевски и Мирче Ѓорѓиев.