Драма во Москва – Ристовска заблеска против ЧСМ, ја однесе ЦСКА на Ф4 во Будимпешта

Последната битка за четвртиот полуфиналист на Ф4 завршницата се водеше меѓу ЦСКА Москва и ЧСМ Букурешт, а на победа и место меѓу најдобрите четири се радуваа ракометарките од Москва кои триумфираа со 24:19. Пласманот го обезбедија поради  поголемиот број на голови постигнати на гостински терен бидејќи првиот натпревар во Романија заврши со резултат 32:27 за романскиот тим.

Првото полувреме донесе израмнета борба на двете страни, но најчесто ракометарките на ЧСМ Букурешт беа во водство со еден гол разлика. Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска со својот четврти гол го врати водството на својата екипа од 10:9 на пет минути до крајот на првиот дел. Првото полувреме заврши со резултат 12:11 за московската екипа.

Во второто полувреме домашната голманка, Чана Масон влезе во серија на неколку интервенции, а нејзините колешки во брз ритам да стигнат до позитива од пет разлика беа успешни во нападите, најчесто преку Дмитриева и Ристовска. Токму Дмитриева во 22. минута ги донесе највисоките седум разлика за нејзината екипа, 22:15.

Во последните пет минути ракометарката на ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу со два гола во серија ја стопи разликата на само четири негатива, 23:19. Тоа беше причина тренерот на ЦСКА Москва, Олга Акопјан да побара тајм-аут и да ги доведе работите во потребен ред. Во последниот напад за ЦСКА Москва успешна беше Полина Ведекина која зголеми на 24:19, а во последните 30 секунди, ЧСМ Букурешт не успеа да постигне гол, па ова значеше пласман на ЦСКА Москва на Ф4 завршницата во Будимпешта.

Фантастична на голот во екипата на ЦСКА Москва беше Чана Масон, посебно во второто полувреме кога се кршеше резултатот. Одлична беше и репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска која беше најефикасна во својата екипа со седум гола од осум обиди. Во ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу постигна девет гола.