Драма во Гевгелија: Алмеида и Величковска го спасија Куманово од пораз

Македонскиот вицепрвак Куманово потешко од очекуваното дојде до победа на гостувањето во Гевгелија против истоимената екипа со резултат 22:21, во натпревар од 10. коло од Женската лига. Мотивираните домаќинки во најголемиот дел од натпреварот беа во водство и покажаа дека имаат квалитет за повисок пласман на табелата.

Куманово во дуелот влезе во грч, направи неколку технички грешки и долго време им требаше на избраничките на Ристова да влезат во ритам. Домаќинот имаше старт како што може да се посака, со одлично поставена одбрана и преку разиграните Димитрова, Гичева и Илкова дојде до водство од 6:3 во воведниот дел.

Гостинот никако не можеше да фати приклучок и да излезе од кризата, па така Гевгелија во два наврати имаше ,,плус четири” (10:6, 13:9). Тимот на Ристова единствено преку Величковска и Алмеида се обидуваше да направи нешто повеќе во последните минути од првиот дел, но на пауза резултатот гласеше 13:10 во корист за домаќинките.

Во продолжението Гевгелија продолжи со исто темпо, одржуваше дистанца од еден до два гола разлика и речиси до 50 минута беше во водство. Откако Гевгелија имаше водство од 21:20, гостинките во 55 минута израмнија на 21:21 и тука веќе беше јасно дека само нијанси ќе одлучуваат кој ќе ја добие битката. Две минути подоцна, односно во 57 минута, Алмеида на Куманово му донесе водство од 22:21, додека домаќинките не успеаја да реализираат во неколку напади за барем бод.

Најефикасни во победничката екипа беа Андреза Алмеида со девет и Габриела Величковска со седум погодоци. Во поразениот табор се истакна екс репрезентативката на Македонија, Ленче Илкова со шест гола.