Драконски казни за инцидент на меч од кадетската лига!

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија изрече големи казни по инцидентот што се случи на натпревар од кадетската лига во машка конкуренција во Кичево.

Казнети се двајца ракометари на Асови Кичево, како и тренерот на овој тим. Божидар Костески нема да може да игра ракомет цела година, додека Филип Лазески доби забрана за настап на пет натпревари.

Тренерот Зоран Андрески, кој доби и црвен и син картон на натпреварот против Прилеп што не го дочека крајот, исто така доби суспензија од дури 14 месеци и ќе мора да паузира од ракометот.

Плус кичевскиот клуб, кој патем ќе го загуби службено со 10-0 прекинатиот натпревар и ќе му биде одземен еден бод, доби забрана за присуство на публика на следните натпревари.

Натпреварот што беше прекинат меѓу Асови Кичево и Прилеп започна на 25 февруари, но не се доигра. Поради хаосот на полувреме морала да интервенира и полицијата. Средбата била прекината при резултат 8-6 за гостите, а биле приведени и лица кои влегле на терен и ги нападнале судиите и делегатот.

Инцидентот се случил на полувремето кога гостите од Прилеп воделе со 8-6. Незадоволни навивачи влегле во терен и физички го нападнале делегатот, а се обиделе да се пресметаат и со судиите. Полицијата брзо интервенирала, и највоинствените што влегле на терен ги привела во полиција.

Инцидент во Кичево: Нападнати судии и делегат – полицијата приведувала гледачи

МВР потврди: Во Кичево навивач нападнал делегат