Дојдов, видов, победив…Кил го прегази Загреб!

Ракометарите на Кил славеа убедливо на гостувањето во Загреб со 21-31 во првото коло од групата Б во Лигата на шампионите. Германците допатуваа денеска во хрватската престолнина и заминаа веднаш по натпреварот, што не е баш вообичаена пракса во ЛШ.

Победникот на овој натпревар беше решен уште по првото полувреме, кога избраниците на Филип Јиха направија огромна предност од осум голови, 6-14. Голманот Квинштет бранеше одлично, а во нападот „зебрите“ реализираа најчесто преку контранапади.

Вториот дел беше само формалност, домашните ракометари немаа решение за расположените гости, па беше нејасно само со колку голови разлика Кил ќе го добие лесното гостување.

На крајот, заслужено убедлив триумф на бундеслигашот со 21-31, а ако се суди според одиграното во претсезоната и на овој натпревар, Загреб нема што да бара во следната фаза од елитното натпреварување.

Најдобри стрелци во домашниот состав беа Вистороп со шест и Божовиќ со четири погодоци, додека кај Кил се истакнаа Сагосен со седум и Екберг со шест голови.