Долг е патот до Египет: Започнаа претквалификациите за Мундијалот во 2021 година

Со натпреварите од групата 2 помеѓу Грција и Кипар, како и Израел и Финска, започа борбата за пласман на Светското првенство во Египет во 2021 година. Ова е единствената група каде што репрезентациите ќе играат и дома и на гости двомеч за разлика од другите кои ќе се играат по турниски систем.

Грците немаа никакви проблеми и победија на гостувањето на Кипар со убедливи 18-31, додека Израел, иако во текот на мечот водеше убедливо, сепак на крајот само минимално ја победи Финска со 33-32. Во второто коло претстојниот викенд ќе играат Финска – Кипар, Грција – Израел.

Првиот победник од четирите претквалификациски групи ќе биде познат во недела во Ескишехир каде што Турција, Белгија и Естонија ќе се борат за местот кое води со следната фаза од квалификациите. Останатите две групи со турнирски систем, групата 1 со Литванија, Словачка, Фарски острови и домаќинот на турнирот Луксмебург и групата 3 со домаќинот Италија, Романија, Косово и Грузија ќе се играат во јануари во исто време со првата фаза од Европското првенство.

Квалификациите за СП во Египет 2021 ќе бидат различни од претходните. Данска како светски првак има обезбедено пласман и најдобрите три селекции од Европското првенство 2020 ќе обезбедат директен пласман. За европските репрезентации ќе има уште девет места на Мундијалот, а конечните патници за Египет ќе бидат познати по баражот во јуни 2020 година.