„Доколку Борозан не е сигурен, можеби е подобро да продолжиме без него“

Репрезентацијата на Црна Гора се пласираше на Европското првенство кое се игра во Унгарија и Словачка следниот јануари, а во составот и понатаму го нема Вуко Борозан.

Ракометарот на Веспрем, самиот се отпиша од националниот тим, а според последните изјави на селекторот Зоран Рогановиќ сè поизвесно е дека тој веќе нема ништо против да играат на првенството без првата ѕвезда.

„Вуко е играч кој без дилема би донел квалитет повеќе. Сепак, тука постојат и други работи кои не зависат од нас. Тоа мора Вуко самиот да го одлучи, да донесе одлука и да се држи до неа. Порано бевме во контакт, но тој подоцна го прекина. Искрено не знам што се случува. Сигурен сум дека со состаноците кои ги планирам за ова лето нема да ни недостига некој кој не сака да биде тука. Вуко има квалитет со кој многу би ни помогнал, но доколку не е сто проценти сигурен можеби е подобро овој наш пат да го продолжиме без него“, коментира селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ во интервју за „Побједа“.

Со ова полека станува јасно дека момците кои обезбедија пласман на ЕП и ќе играат на шампионатот во јануари.