„Додека цел свет е во карантин, овде сите се излезени на кафе“

Единствената земја каде што се играат натпревари во сите спортови и покрај тоа што светот се бори со коронавирусот е Белорусија. И таму има заразени луѓе, но тоа е незначителна бројка.

Тамошниот претседател Лукашенко не дозволува животот да се смени само поради некој вирус. За хрватски „Индекс“, голманот на Мешков Брест, Иван Пешиќ, раскажува каков е животот таму, додека цел свет е на пауза.

„Луѓето се излезени, одат по кафиња, маска на лицето носи само некој што видел на интернет дека остатокот од светот се соочува со голема болест. Ситуацијата во Белорусија и понатаму е нормална, нема никакви проблеми, сè работи, луѓето одат на работа, шетаат. Засега нема никакви рестрикции, но ќе видиме како ќе биде. Велат дека во градот Витебск имало многу заразени, па чекаме расплет. Овде нема никакви мерки, тука-таму ќе видиш некој човек со маска, само затоа што читал на интернет. Претседателот вели да работиме, вирусот не одел таму каде што се работи. А да бидам искрен мене ми одговара што играме, додека цел свет паузира“, изјави Пешиќ.

Тој веќе седма сезона игра за Мешков Брест и неодамна доби белоруски пасош.