Додека судиите не свирнат крај во Скопје, Металург е уште во игра

Синоќа во Велење заврши првата епизода од серијалот „Пласман во групната фаза на ЕХФ“. Добро е што во една ваква ситуација што втората епизода под името „Реванш“ се игра во Скопје, а во натпреварувања од ваков тип некогаш се случувале и чуда, па и далеку послаби екипи успевале да совладуваат фаворити со огромна разлика. Во ситуацијава ниту Металург е слаб тим и послаб од Горење, но ниту тимот од Словенија е фаворит против составот од Автокоманда.

После една проспиена ноќ впечатоците се средуваат полесно, но генералното размислување, сепак, не се разликува од она што беше актуелно и веднаш после натпреварот против Горење додека сите беа уште со жешки глави. Факт е дека Металург од првото и Металург од второто полувреме како да беа две сосема различни екипи.

Ова размислување не е поради играта туку повеќе можеби поради сликата која остана во очите на гледачите и новинарите на овој натпревар. Во првите 30 минути тоа беше состав кој делуваше моќно во однос на противникот, секогаш со шанса за да се запре секој противнички играч, ракометари подготвени да се „истепаат“ за секоја топка притоа не штедејќи се воопшто за да дојдат до предност во однос на противниците.

Во вториот дел како да го снема овој момент односно како да ја снема жарта со која се влезе во овој дуел. Одбраната не делуваше така густо како во првиот дел, имаше многу повеќе простор за противникот, но некако се загуби и идејата кога беше во прашање нападот, па онаму каде што не смееше да се греши и мораше да се оди на максимум имаше грешки поради што противникот успеваше да дојде до лесни контранапади и со две до три додавања веќе имаше реализација.

Не е тајна дека моментот кога почна кризата, и главно дојде до пад во концентрацијата и потрошеноста на играчите од кои се очекуваа шутеви и разбивање на одбраната, беше и создадена предноста за домашните и тука веќе не можеше да се следи. Девет минути беа кобни на овој дуел и тие девет минути го поставија Горење во подобра позиција по што беше навистина тешко да се најде противигра односно да се најде шанса за да се реализира. Кога од минус еден (13:14) ќе се отиде на минус шест (13:19) веќе е јасно дека нема да биде воопшто лесно за да се одработи до крајот на нивото кое е потребно за да се дојде до подобар резултат.

Дури и во ваква ситуација металурзите се вратија, но тогаш почнаа проблемите од друга природа. Рамката од голот стана сојузник на голманот на Горење, Пањтар кој одбрани и неколку тешки удари, па сето тоа го однесе мечот во сосема друг правец кој после играта во првото полувреме никој не можеше ниту да го замисли.

И кога ќе се сумира сè после она што беше сработено во Велење јасно е дека пет гола се можеби огромна предност за Горење, но пет гола можеби се и отрезнувачки за ракометарите на Металург и причина да нема опуштање туку напротив да има гризење максимално од првата до последната минута прво на секој тренинг во деновите коишто следат, а потоа и в недела на натпреварот кога мора да се одработи како што се посакува.

Потребно е да се одработи секој тренинг не на максимум туку на уште повисоко ниво од претходно и да се вложи секој од играчите со сите сили. Во ситуацијата не е важно дали некој преседол цел натпревар на клупата или поради тоа што немало место во оние 16 бил на трибини. Во ситуацијата не е важно ниту дали некој влегол во игра десетина секунди или играл 59 минути. При една ваква пресметка се гледа само резултатот кој останува запишан на крајот од семафорот. Е кога сите 16 на терен и оние другите на трибините ќе го имаат предвид овој факт и ќе бидат уште посплотени (да не се сфати погрешно металурзите беа максимално сплотени и во Велење и секоја чест за тоа) тогаш ниту пет гола не се многу, ниту Горење нема да биде проблем. Напротив овие пет гола може да ги снема за десетина минути, па сè да почне од почеток.

Затоа додека не свирнат судиите крај во Скопје следната недела ништо не е завршено и колку што Горење смета дека е веќе во групната фаза после вчерашната победа, толку и Металург има право да се надева дека ќе биде меѓу оние 16 екипи кои ќе играат уште по барем шест средби напролет во Купот на ЕХФ.