Додека се играат баражи за СП, најдобрите европски репрезентатиции со нови меѓусебни дуели

Во пресрет на бараж натпреварите за Светското првенство 2023 кога голем дел од репрезентациите ќе се борат за учество на Мундијалот, Данска, Шпанија, Норвешка и Франција, кои завршија меѓу најдобрите пет репрезентации на Европското првенство во Унгарија и Словачка, во текот на месец март ќе учествуваат во Златната лига.

Домаќини на натпреварите од Златната лига ќе бидат трите дански градови, Алборг, Хернинг и Архус. Златната лига оваа година ќе биде отворена со натпреварот меѓу Данска и Норвешка, кој ќе се одигра на 17 март со почеток од 20:45 часот во Алборг.

Два дена подоцна, односно на 19 март, Данска ќе се соочи против европскиот вицешампион, Шпанија. Овој натпревар е закажан со почеток од 16:00 часот во Хернинг.

Данска во последниот натпревар од Златната лига силите ќе ги одмери против актуелниот олимписки шампион Франција. Натпреварот ќе се одигра во Архус со почеток од 16:00 часот и воедно ќе биде повторување на натпреварот за третото место од последното ЕП меѓу овие две репрезентации.

По завршувањето на Златната лига, избраниците на Николај Јакобсен на 14 април во Копенгахен ќе одиграат пријателски натпревар против селекцијата на Полска.

Претходно двата организатора на Мундијалот во 2023 година, Полска и Шведска, ќе одиграат пријателски натпревари во Плоцк на 17 и 20 март.