ДНЕВНИКОТ од Дебрецин 4: Е, мој селекторе до каде дојдовме!

Дебрецин, ден 4

Ден поразителен. А, почна полн со верба и надеж. Тестот негативен, мислата позитивна, „фалангата“ загреана и распеана…Само она со ракавите и чорапите од сабајле, ко на малер да удираше. Ама, ај си велиш не туку коби сега со лоши мисли пред натпревар, чорап ко чорап!

Одигравме добро со Словенија, ќе биде уште подобро со Црна Гора. Во глава веќе беше штиклирана победата. Всушност, победата во вториот меч во Дебрецин ја маркиравме како „сигурица“ многу одамна, уште кога ја извлече Видерер ждрепката. Па после само ја задебелувавме „штиклата“ – со Словенија ќе биде клучна за втор круг ама ќе се бориме…со Црна Гора е сигурна…Данска е фаворит и друга димензија. Така некако беа прогнозите за Македонија пред ова ЕП.

Се разбира, имаше и по некоја од оние повеќе куртоазни изјави „Црногорците имаат квалитетни играчи…“, но генерално, сите бевме убедени дека во вториот меч ќе биде најлесен „пролаз“ до победа. Плус Црногорците преполовени од короната, изолирани таму сами во Балмазујварош…Рогановиќ им е пак позитивен, ќе играт и без селектор. Наша е сигурно, 100%!!!

Тргнавме така некако лабаво победнички накај „Феникс“. Никој не ни размислува за друга опција освен за победа. Туку, размислуваме за победнички наслови што „појако“ да ја одбележиме првата селекторска победа на Кире Лазаров на европско и почетокот на новата приказна…Па после да тераме победнички низ Дебрецин со  „Фалангата“. Одамна немало таква мераклиска победа за славење, уште од оние убавите во Загреб од 2018…Сега е денот.

А бе, само уште пиво што не нарачавме да се лади во „базата“, да биде спремно кога ќе се вратиме со победата!

Арно ама, не залудно рекле – прво скокни, па кажи оп! Ама кој да мисли сега уште и на тоа. Малку ли мислиме кога ќе скокнат бековите?!

Влегуваме во сала, „Фалангата“ распослана и распеана. Влегува репрезентацијата, жолтее дресот под тренерката. Не сме веќе црнила, се врати жолтата! Те фаќа една милина во душата.

По шема некоја ред црногорска, ред македонска, ја пуштаат „излези момче…“. Додуша, ја зеле организаторите онаа кошаркарската, па додека се загреваат ракометарите ечи од звучникот слава за Бо Мекелеб и Перо Антиќ како забивал?!(ете ти уште еден малер!!!)

Прави се дека не слушаш и цупкај само на рефренот! Слушај ја „Фалангата“, батали звучникот…

Свират Литванците почеток, излегува Македонија со „полетарац“ прва постава?!

Што е работата? До толку ли се Црногорциве короносани за втора лига?

Ништо, Кире сигурно знае што прави, си велам, па нели ги студира стручниот штаб и нашите и нивните до кај сме, што сме со денови…

Трга прв напад – ништо.

Трга втор, пак исто…

За тоа време Црногорците од Балмазујварош веќе наредија четири.

Кај нас уште нула. Не оди нешто со младинава…

Ајде си викаш и Словенците губеа 1-4, па ја свртеа на крај, ќе свртат и нашиве, појаки сме…Еве виде и селекторот колку е саатот, па ги прати Жути и Фитиљ да спасуваат.

Наопаку е нешто работава. Наместо да бегаме – ние бркаме! А, најискусниот наместо да води, треба да пополнува дупки од овие што треба да скокаат и трчаат со 15-20 години помалку терет во нозете?!

Ја згрешивме нешто пирамидата и хиерархијата или само мене така ми изгледа?

Ќе прашам после во „миксот“…сега само да излеземе од негатива во второ.

Арно ама, не се излегува така лесно како што мислевме. Нашиве не знаат „ни кој скока, ни кој пука“. Во ложата се држат за глава…

А, Црна Гора од Балмазујварош веќе отиде на Дурмитор. Шеваљевиќ капитенски не „изрешета“, Симиќ на крај не дотепа…Ласица ни ја исплука публиката!

Македонија наведна глава.

Додека ги догледувавме последните минути од натпреварот во кој тие не веруваа дека може да победат, а ние не верувавме дека може да изгубиме, еден црногорски колега до мене на крај уште и дотури сол на раната:

„Е, мој Кириле, па зар од вакву Црну Гору да изгубиш?!“

Не го преведувам намерно за да не се изгуби изворното. А, и сите ние разбираме. Па и селекторот нашиот на пресот на српски одговараше…

Слушам и не ми се верува. Немој ти! Не…

„Е, мој Кириле, до каде дојдовме…“!