ДНЕВНИКОТ од Будимпешта: Маската на маса, нека црвенее…

Будимпешта, ден 1

Ден обичен, а чуден! Последни го напуштаме Дебрецин и продолжуваме во Будимпешта. Да фатиме нешто и од главната фаза на ЕП, кога веќе сме тука, а и резервацијата стои…Иако малку со променета, скратена програма. Веќе нема ефект да седиш овде, по македонската елиминација.

Друга приказна ќе беше да беа и нашите тука, еее… Крстот во Дунав ќе го фрлавме, па ќе теравме до крај заедно. Вака нема ни лезет, ни мерак. Вториот круг на ЕП без Македонија…Сеедно што ќе гледаме денеска. Може две, може сите три, но првата сигурно. Црна Гора против Хрватска. Трета балканска пресметка за Црногорците по ред, откако во првата фаза во Дебрецин едноподруго ги отпишаа прво Македонија, а потоа и  Словенија.

Во Будимпешта пристигнавме во старата база, хотелот „Данубиус Арена“. За мене па ептен стара ракометна. Бев токму овде и пред 20 години на она шампионското финале на Кометал ЃП со Ференцварош. Бев овде и неколкупати со ЖРК Вардар на Ф4…И еве ме сега повторно. Само сега за прв пат без „наши“ на терен.

Додуша, овде во „Данубиус Арена“ некако стално како да продолжува приказната. Чудна некоја коинциденција која стално ме остава без збор…

Ќе пишев уште синоќа, ама ме скина глава „пост дебрецински“. „Аналгин“ и „кафетин“ не ми делуваат веќе, изгледа отпорна станав, па удрив на некои појаки …и остана Дневникот од Будимпешта на пола.

Ама еве сега го фаќам уште од рано посабајле, будна ко нова!

И терам со приказната од Будимпешта. Застанав кај Кометал ЃП во 2002…

Десетина години подоцна, по тој историски прв престој овде кога го заверивме првиот дел од шампионското финале,  повторно дојдовме на истото место, да бркаме шампионска во ЛШ со вардарки. И, само што се истоваривме, а од  „Данубиус Арена“ излегуваат старите кометалки – Гоца, Ишка, Лела, Мими, Анжела, Елена…како да застанало времето.

Вчера пак, влегуваме во хотелот и повторно „дежа ву“ сцена. Од сите можни,  прво налетуваме на Давид Дејвис, тренерот на Вардар, кој во она време од претходниот пасус, седеше на клупата на ЖРК Вардар.

Ние доаѓаме, тој заминува. Имал предавање на тренерскиот ЕХФ Мастер семинар. Насмеан не поздравува на македонски, како сте, што правите, како поминавте, до кога ќе останете… не заборавил човекот! Се поздравуваме, брза да го фати летот за Скопје.

А, ние пак, продолжуваме со Европското… Брзаме во другиот „Данубиус Хелиа“ во кој се сместени сите шест репрезентации што ја играат главната фаза од ЕП во групата во Будимпешта. Хрватите имаат средба со новинарите, а ние сме закажани со „нашите“ Хрвати од Вардар и од Еурофарм Пелистер.

Додека ги чекаме, топ тема се селекторските смени. Три во еден ден од оние што не поминаа во втор круг на ЕП. Само Лазаров и Обрван се сигурни на подолг рок од овие со по три порази… Врањеш, отиде со два, ги разочара Словенците. И некако е медиумски најинтересен деновиве. Само што го отшуштија Словенците веќе потпиша за Рајн Некар Левен. Се смееме – брз Врањеш, а и овие од РНЛ, како Пролет со Кастратовиќ!

Поминуваат Црногорците, се поздравуваме…одат на тренинг.

Французите групно се симнуваат во холот, секогаш некако побројни од другите во оној придружниот тим од тренери, физиотерапевти, претставници за медиуми што стално трчкаат околу нив.

Ги забележувам и Исланѓаните. Е, овие навистина се подмладени, коментираме со колегите, види ги децава…Се обидуваат да „протнат“ некоја новинарска екипа да ги снима горе во „забранетата зона“.

Камо среќа да беа тука некаде и нашите. Сега вака уште повеќе ми недостасува македонската репрезентација во Будимпешта.

Да беа оние старите времиња, сега сигурно ќе пиевме овде кафе со некој од „цимерите“, радосни за некоја победа или лути за пораз ќе се расправавме надолго и нашироко за натпреварот. Тоа ми беше омилен дел на секое првенство…

Во ова поновово време, нема веќе ни „цимери“, ни кафе дружби, а богами, нема ни победи.

Да стигнеа нашите до Будимпешта и овде сигурно контактите ќе беа сведени на минимум, она што следува по службена должност – ќе земавме изјави пред хотелот, со некои малку ќе си поприкажевме, со некои малку подзамерени ќе се подзаобиколувавме…Ама, дури и такви сега ми недостасуваат!

Веќе второ европско, македонските ракометари не се во она одбраното друштво од најдобрите 12 што ја продолжуваат борбата во главната фаза и во меѓувреме лежерно шеткаат низ хотелот заедно со најголемите европски ракометни имиња. Тоа се оние мали, а битни споредни моменти на големите натпреварувања што носат искуство и самодоверба, речиси исто значајно како и искуството од терен. Ќе ни недостасува и тоа, ако продолжиме вака…

Што од патот, што од с’клет, ме дозаболе главата додека ги редиме можните противници за првиот и за вториот бараж што не чекаат пролетва за пласман на СП 2023 и се присетуваме на времето кога стигнувавме до пола, а после редовно не „кинеше“ некој од фаворитите. И така десет години по ред…

На цела мака, додека ги чекаме Хрватите, се сетив дека црвената маска со знамето се уште ми е во чантата. Си ја ставив онака малку подизгужвана.

Нека ја има и Македонија во Будимпешта, па макар и само со маската!

Нека црвенее…