Динамо ќе му плати оштета на Веспрем: Цупара ова лето во Букурешт, доаѓа и Ненадиќ?

Романскиот Динамо Букурешт не доби вајлд-карта за Лигата на шампионите, но тоа нема да ги поколеба во обидот да создадат силен тим.

Голманот Владимир Цупара, кој треба(ше) во Букурешт да се пресели следното лето, се чини дека тоа ќе го стори уште ова лето.

Ова го потврди претседателот на романскиот првак, Јонут Попа, во изјава за „Про Спорт“. Тој најави влегување на уште еден голем спонзор во клубот, и доаѓање на ракометар што настапил на последниот Ф4 во Келн. Романските медиуми шпекулираат со името на Петар Ненадиќ, кој беше дел од ПСЖ.

„За неколку дена, може да има два сензационални трансфери. Станува збор за играч што беше на Ф4 во Келн и голманот кој веќе го знаете, Цупара. Тој зборуваше со тренерот Чави Пасквал и му кажа дека без разлика што клубот нема да игра во ЛШ, тој сака да дојде уште ова лето. Сега ни останува нас клубовите да се договориме. Јас веќе испратив понуда до Веспрем минатата недела и мислам дека ќе биде прифатена. Сумата што ќе ја платиме како оштета ќе биде од спонзори“, изјави Попа.

Во меѓувреме Динамо Букурешт ги потврди трансферите на десниот бек од Барселона, Александар Цениќ и пивотот од ПИК Сегед, Миклош Рошта.