Димитриоски го води Металург од карантин директно на меч: Да одиграме машки, и да се види дека сме клуб

„Ќе играме со ростерот на играчи кои ни се регистрирани. Мојот план е да им дадам шанса плус на домашните ракометари. Се гледа дека веќе стасуваат да бидат носители на играта, вели тренерот на Металург

Екипата на Металург од денеска одново може на терен откако беше во нов карантин и сите ракометари се ставаат повторно на располагање на тренерот Оливер Димитриоски на тренинзите.

Вечерва ќе биде одработен тренинг и играчите ќе можат конечно да одработат според планот на тренерот така што ќе биде навистина напорно до крајот на оваа година.

Според планот на тренерот Димитриоски секој ден ќе има активности за да се надомести загубеното во минатиот период и се очекува да се покаже најдоброто од сите играчи. Првиот натпревар е против Бутел Скопје веќе утревечер така што тогаш ќе се види колку паузата оставила трага кај ракометарите.

Им претстојат денови во кои ќе бидат доста активни, а тренерот соопштува какви се очекувањата во овој период.

„Денеска излегуваме од карантин и веќе утре не очекува натпревар. И тоа ни доаѓа натпревар против Бутел Скопје. Во прв план ни е плеј-офот и сакаме математички да го обезбедиме истиот така што ќе се обидеме на овие седум натпревари во две недели да одработиме најдобро што може. Имаме шест дуели од Супер лигата и еден од Лигата на Европа за краток период“, вели Димитриоски за 24 Ракомет.

Планот е во следните две недели повеќе простор за игра да добијат ракометарите од Македонија што секако ќе биде добро за нив за да се борат за поголема минутажа и во Лигата на Европа.

„Ќе играме со ростерот на играчи кои ни се регистрирани. Мојот план е да им дадам шанса плус на домашните ракометари. Се гледа дека веќе стасуваат да бидат носители на играта. Ќе се обидам со многу ротации да одржиме свежина и секој да го даде придонесот. Ќе се обидеме да одржиме и ритам иако ќе биде тешко после паузата“.

Со оглед на тоа што паузата беше преголема тешко е да се каже каква е формата, но тоа ќе се види веќе денеска на тренинг и утре на првиот натпревар против Бутел Скопје.

„Не знам во кој правец ќе се движи формата бидејќи денеска ќе го имаме првиот тренинг после паузата која што ја имавме. Сите работеа во домашни услови и се подготвуваа за она што претстои. Ќе биде тешко, но ќе мораме да го извлечеме најдоброто. Ни следува и напорен период во кој ќе нема простор за одморање. Ќе имаме еден ден тренинг, еден ден натпревар така што очекувам успешно да го завршиме овој период“.

Оттаму натпреварот против Бутел Скопје од Групата 2 од Супер машката лига е добра можност да се види и што ќе треба да се поправи за дуелот против Фиверс.

„Дуелот со Бутел Скопје нема да биде само тест за нас туку на некој начин и подготовка за натпреварите кои ни претстојат особено за натпреварот против Фиверс во вторник од Лигата на Европа. За тој натпревар ние немаме време за посебна подготовка туку она што сакаме да го играме ќе го работиме и на средбите од домашното првенство. Инаку, ние со пласманот во групната фаза од ова натпреварување ја исполнивме целта која ја имавме поставено пред почетокот на сезоната, но сакаме да одиграме најдобро што може“.

Се наврати на средбата во Шпанија против Адемар која беше последна одиграна за момците од Металург и смета дека тој дуел покажал слабости во одбраната кои мора да се корегираат.

„На дуелот против Адемар имавме добар напад кој реализираше над 70 проценти. Сакаме да го задржиме тој ритам, но сакаме и да ја поправиме играта во одбрана. Мораме да бидеме подобри. Доколку одиграме коректно во одбраната тогаш со добар напад можеме да очекуваме и бодови и во Лигата на Европа. Инаку, мојата цел е пред сè да одиграме машки и да се види на теренот дека сме клуб“, коментираше тренерот на Металург, Оливер Димитриоски за 24 Ракомет.

Металург утре игра против екипата на Бутел Скопје од 19 часот. Домаќин е тимот на Бутел, а потоа следуваат уште две гостувања. В петок Металург игра во Битола против Еурофарм Пелистер 2, а в недела со Работнички од 17 часот.