Димитриевски најдобар стрелец, Ваљадолид триумфално против Адемар Леон

Екипата на Ваљадолид, во која настапуваат ракометарите од Македонија, Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски и која е предводена од екс тренерот на Вардар, Давид Писонеро, го одигра четвртиот пријателски натпревар пред стартот на новата сезона во Асобал лигата.

Ракометарите на Ваљадолид денес триумфираа против Адемар Леон, со два гола разлика, 34:32. Претходно Ваљадолид одигра пријателски натпревари и против Кањас, Торелавега и Спортинг Лисабон, на кој беа забележани една победа и два порази.

Во натпреварот против Адемар Леон, клуб кој важи за еден од најквалитетните во Шпанија, најдобар ракометар во составот на Писонеро беше Димитриевски. Велешанецот во мрежата на Адемар Леон постигна пет погодоци и имаше неколку асистенции кон своите соиграчи. Димитар Димитриоски не беше во ростерот за натпреварот против Адема Леон.

Ваљадолид в среда силите ќе ги одмери против екипата од Египет, Ал Ахли, која е актуелен африкански шампион и која е предводена од поранешниот тренер на Ваљадолид, Дани Гордо. Новата сезона во Асобал лигата ќе започне на 3 септември.