Де Варгас: Не ми се пушта телевизор, постојано се зборува за коронавирусот

Голманот на екипата на Барселона, Гонзало Перез де Варгас се придржува до мерките за карантин, но вели дека се труди колку што може повеќе за да остане во форма.

Тој појаснува како е да се биде во карантин, но и дека секогаш кога ќе го вклучи ТВ приемникот не му е многу лесно бидејќи таму главно има информации околу ситуацијата со коронавирусот.

„Продолжувам да тренирам и да ја одржувам формата, но во времето на опуштање ги следам внимателно новостите. Не знам дали ова е добро или лошо бидејќи има толку многу информации за пандемијата. Има моменти кога е веројатно подобро да се исклучи телевизорот и да се прави нешто друго“, вели Де Варгас.

Вели дека му недостигаат многу работи, но и дека научил многу повеќе да го користи она што времето го нуди.

„Мислам дека сè е в ред со мене бидејќи во моментот кога сфатив дека карантинот ќе трае многу подолго од очекуваното се потрудив да најдам повеќе опции за забава. Имам чувство дека добро го користам времето. Ми недостигаат многу работи, но ситуацијата нè тера да сфатиме дека го имаме секој ден, а не знаеме да го цениме“, коментира Де Варгас.

Објаснува и дека се труди да комуницира со сите ракометари и да останат позитивни, но дека сето ова го прави тежок периодот во кој со нетрпение се очекува враќање на терените.