Дејвис: Вардар е фаворит за титулата во СЕХА, а не Веспрем!

Тимот на Вардар го очекуваат двете пресметки од четвртфиналето на регионалната СЕХА лига против хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице на 8 и на 15 март. Освен Вардар, други фаворити за место на завршниот турнир се Загреб, Мешков Брест и Веспрем.

Поранешниот член на „црвено-црното“ семејство, Давид Дејвис, кој сега успешно го води унгарскиот Веспрем, вели дека Вардар е фаворит за трофејот во оваа конкуренција, а не неговиот тим.

„Мислам дека ние не сме фаворити за титулата во СЕХА лигата, туку бранителот Вардар. Ние имавме добри натпревари против нив, но којзнае што може да донесе завршниот турнир“, вели Дејвис за „Немзети Спорт“.

Веспрем ќе се соочи со српскиот шампион Војводина во четвртфиналниот двомеч кој носи место на завршниот турнир.