Десподовска МВП, повторно го водеше Кобержице до победа

Македонската интернационалка која настапува во првенството на Полска, Зорица Десподовска продолжува со одличните игри за Кобержице и уште еднаш го водеше својот тим до победа. Кобержице славеше убедливо против Келце со 31:20.

Десподовска повторно беше најефикасна во својот тим со осум погодоци и беше предводник до победата за продолжување на победничката серија. Таа беше прогласена за МВП на натпреварот.

Кобержице уште после првиот дел беше на чекор до победата кога водеше 19:11. И во вториот дел ја продолжија доминацијата и без проблеми остварија нова победа во домашното превенство.

Со овој триумф Кобержице останува на третата позиција на табелата зад Заглебие и Лублин. Во следното коло Десподовска и соиграчките ќе имаат тешка задача на гостувањето кај второпласираниот Лублин.