Деспина и Скопје повторно одиграа трилер меч, бодовите ги освоија прилепчанки!

Ракометарите на Деспина во неизвесен финиш славеа победа против Скопје со 23:22 во натпревар од 5. коло од плеј-аут фазата во Женската лига. На првиот меѓусебен дуел во плеј-аут фазата победи екипата на Скопје со 27:26.

На натпреварот беа поделени вкупно 15 исклучувања и по еден црвен картон за домашниот и гостинскиот табор. Весна Христоска од Деспина и Надица Максимовска од Скопје во 51-та, односно 55-та минута поради три исклучувања мораа да се преселат на трибините.

Дуелот од почетокот, па до крајот беше неизвесен и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот. Првиот дел заврши со минимална предност на гостинот од 12:11.

Избраничките на Радуловиќ во второто полувреме направија голем чекор, се одлепија на 2-3 гола разлика, но не издржаа до крајот. По водството на Скопје од 22:20, домаќинките постигнаа два гола во низа и израмнија на 22:22 во 57-та минута.

Гостинките во последните три минути никако не успеаја да реализираат, додека Деспина со голот на Камческа стигна до нова победа во плеј-аут фазата. Ракометарките на Скопје во последната минута на двапати не можеа да организираат добар напад за барем бод на дуелот во Прилеп.

Прв стрелец во победничката екипа беше сѐ подобрата Михаела Петреска, постигна девет погодоци во мрежата на новакот. Шест погодоци кај Деспина запиша Ангела Камческа.

Во тимот на Скопје се истакнаа Ангела Петровска и Антонија Радевска со по седум погодоци, кои беа недоволни за поволен резултат на дебитантот.