Франција во проблеми – Деска неизвесен за настап на Мундијалот

Репрезентативецот на Франција и член на Монпелје, левото крило Хуго Деска е неизвесен за настап на Светското првенство во јануари.

Искусниот ракометар, кој на Олимписките игри во Токио беше избран за најдобро лево крило, поради повреда на коленото не отпатува за Португалија каде тимот на Монпелје утре ќе игра против Бенфика во рамки од Лига на Европа.

Според француските медиуми, повредата на Деска е очигледно посериозна од очекуваното и сѐ ќе зависи од последниот лекарски преглед. Во случај на операција, Хуго Деска би бил отсутен од терените најмалку шест месеци.

Тоа значи дека нема да настапи во остатокот од сезоната и нема да може да им помогне на ,,триколорите” на Светското првенство во Полска и Шведска.

Освен за Франција, неговото евентуално отсуство би било голем удар и за Монпелје, кој во наредните два месеци ќе настапува без левиот бек Карл Конан.