Ден за ждрепка, во замокот во Љубљана се „крои“ судбината на Македонија

Денеска во „Замок Љубљана“ со почеток од 17:00 часот ќе биде извршена ждрепката за групите од Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна Гора. Четири ракометарки меѓу кои и Македонката Андреа Седлоска, ќе бидат задолжени за влечењето заедно со дел од луѓето од ЕХФ.

Македонија се наоѓа во третиот шешир заедно со Словенија, Хрватска и Германија, па сигурно нема да игра против нив во првата рунда. Нема да игра ниту против Црна Гора и Унгарија, кои се распределени како домаќини во Љубљана и Подгорица, а од противниците во втор шешир сигурно ќе игра против Холандија или Шведска.

Полска би била џек-пот од првиот шешир, додека од последниот шешир би било одлично ако за ривал го добиеме дебитантот.

шешир 1: Норвешка, Франција, Данска, Полска
шешир 2: Црна Гора, Шведска, Унгарија, Холандија
шешир 3: Македонија, Словенија, Хрватска, Германија
шешир 4: Шпанија, Романија, Србија, Швајцарија

Најпрво ќе се влечат двете селекции од третиот шешир, па оние од вториот, па четвриот и на крајот од првиот шешир.

Најтешка група: Норвешка, Холандија, Македонија, Шпанија
Најлесна група: Полска, Шведска, Македонија, Швајцарија

Ќе бидат формирани четири групи со по четири селекции, а во втората рунда продолжуваат репрезентации од првото до третото место. Дуелите од втората рунда ќе се играат во Љубљана и Скопје, а завршните битки ќе бидат во словенечката престолнина.

ЕП ќе се игра од 4 до 20 ноември во Скопје, Подгорица, Целје и Љубљана.