ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Магдебург и Келце во борба за европскиот трон

Денес е завршниот ден од Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во Келн. Европа ќе добие нов владетел, бидејќи ланскиот освојувач, екипата на Барселона на пенали беше елиминирана во полуфиналето од Магдебург, кој ќе атакува на четврти трофеј во елитното натпреварување.

Единствениот германски претставник на годинешниот завршен турнир во својата клупска историја има освоено два три златни медали во Лигата на шампионите. Магдебург во сезона 1977/78, 1980/81 и 2001/02 стигнуваше до трофејот во најквалитетното европско натпреварување.

Бундеслигашот има освоено и титули во европските натпреварувања како ЕХФ Купот и Лига на Европа, но секако дека највредни се првите места во ЛШ. Токму Магдебург ќе има шанса по речиси 21 година повторно да дојде на европскиот трон.

За таа цел ќе треба да го совлада Келце, кој во полуфиналето беше подобар од ПСЖ. Избраниците на Талант Душебаев повторно покажаа дека финансиските проблеми се ставени под тепих и дека најважно е само играта на терен, а резултатот сам ќе си дојде. Полскиот првак денес ја напаѓа втората европска титула, првата ја освои во сезона 2015/16 кога на пенали го победи унгарскиот гигант Веспрем.

Келце и во групната фаза, како и четвртфиналето против Веспрем покажа одлична игра, така што тимот на Душебаев има големи шанси да дојде до втора европска титула на своето 6-то учество на Ф4 турнирите.

Финалето меѓу Магдебург и Келце е закажано за 18:00 часот. Претходно, за бронзениот медал ќе се борат екипите на Барселона и ПСЖ. Овие две екипи дуелот за трето место ќе го одиграат со почеток од 15:15 часот.