Делчево Вардар со пресврт до триумф над Текстилец и второ место во плеј-аут

Екипата на Делчево Вардар ја забележа последната победа оваа сезона во плеј-аут групата во Првата лига откако на свој терен славеше над Текстилец со пет разлика, 25:20.

Ракометарите на Текстилец во првите минути преку Стојменов го отворија натпреварот со водство од 1:0. Штипјани играа добра одбрана во воведниот дел и нивната добра игра беше надополнета со голот на Димитров за 2:0 по пет минути игра. Избраниците на Гоце Стоиловски првиот гол го постигнаа по десетина минути игра.

Домашната екипа направи серија од 4:0 и стигна до водство од 5:4 по петнаесетина минути игра. До крајот на првиот дел, Текстилец ги искористи грешките на домаќините и повторно дојде до три гола предност, 10:7. На полувреме гостинската екипа од Штип замина со предност од три разлика, 11:8.

Во второто полувреме, Делчево Вардар повторно направи пресврт и серија од 4:0 за водство од 12:11. До 40. минута од натпреварот се играше гол за гол, најчесто имаше израмнување на резултатот и ниту една од екипите не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола.

Во последните десет минути, Делчево Вардар имаше контрола на резултатот и успеа со победа да ја заврши сезоната во Првата лига. Најефикасен во победничката екипа беше Гоце Ѓоргиевски со седум гола, а на спротивната страна, Александар Димитров беше прв стрелец со пет гола.