Дебитантот парираше, но Младост ги освои бодовите

Ракометарите на Младост на гостувањето во Велес кај дебитантот Бисинов триумфираа со три гола разлика 29:26 во натпревар од 9. коло од прволигашката конкуренција.

За Младост денешната победа против Бисинов беше седма во новата натпреварувачка сезона во Првата лига и тимот од Богданци во групата А дојде до 21 бод, исто број на бодови има и Мултиесенс, кој утре ќе гостува во Гостивар кај Јехона.

Дебитантот во првото полувреме беше повеќе од рамноправен противник и успешно му парираше на поискусниот гостински тим. Иако Младост во поголемиот дел од првите 30 минути беше во резултатска предност, сепак, резултатот на пауза беше нерешен, 13:13.

Домашниот тим, кој единствено преку Иванов се закануваше кон противничкиот гол, имаше одличен старт во второто полувреме и во неколку наврати беше во предност од еден до два гола разлика. Младост во последниот период од натпреварот успеа да воспостави резултатска контрола и да го преземи водството и во финишот не дозволи никаква сензација.

Најефикасен на натпреварот беше членот на Бисинов, Мартин Иванов со 13 погодоци. Во победничката екипа се истакнаа Никола Роглев со 10 и Ѓорѓе Ѓуриќ со шест погодоци.