Двајца Македонци потпишаа за клуб од Хрватска!

Македонските ракометари Стефан Димески и Пепи Манев во следната сезона ќе настапуваат во Хрватска и го носат дресот на Ровињ, клуб кој има високи амбиции да обезбеди пласман во хрватската елита.

Стефан Димески во Ровињ пристигна од редовите на прволигашот Работнички. Со раководството на хрватскиот клуб потпиша едногодишен договор, со можност за продолжување на истиот, доколку двете страни бидат задоволни од соработката.

Екс ракометарот на Работнички настапува на позицијата кружен напаѓач, а во својата кариера беше дел и од екипата на Борец од Велес. Одличните настапи во тимот од Скопје му овозможија трансфер во хрватскиот второлигаш.

Пепи Манев веќе има интернационално искуство, откако минатата сезона ја мина во редовите на Марибор Браник. Тој заедно со Димески ќе ја сочинуваат пикерската позиција во Ровињ.

Манев во својата кариера настапуваше и за Вардар Јуниор, Спартак и Работнички. Од Работнички се пресели во Словенија, а во новата сезона ќе го има вториот интернационален предизвик. Со Ровињ, Манев потпиша едногодишен договор, со можност за продолжување на истиот на уште една сезона.