Данска останува без првата ѕвезда во Египет – Хансен размислува да остане дома

Најдобриот ракометар на Данска, Микел Хансен се наоѓа во ситуација во која мора да донесе важна одлука околу тоа дали ќе биде дел од составот на Мундијалот во Египет или ќе остане дома.

Тој е разочаран од одлуката на организаторот да дозволи присуство на публика на трибините на натпреварите кои ќе се играат на Светското првенство.

Хансен не е единствениот играч кој размислува на ваков потег. Дел од ракометарите веќе одбија да играат на Мундијалот така што доколку и тој одлучи да остане дома шампионатот ќе биде уште поосиромашен со ѕвезди.

Данците беа први кои се побунија поради присуството на публика на трибините во Египет, па оттаму не е изненадување ваквата изјава на Хансен.

Сепак, останува да се види што ќе одлучи во следните неколку денови и дали ќе се одлучи да не биде дел од Светското првенство.

„Ќе излажам ако речам дека не размислував за да останам дома и да не бидам дел од репрезентацијата на Светското првенство. Сè уште размислувам за ова. Не знам дали турнирот треба да се откаже, но сметам дека никако не смее да се одигра во присуство на гледачи. не гледам поента ние играчите да мораме да живееме како во балон во хотел и да бидеме принудени да се изолираме на секаков начин исто како на Европското првенство за жени. Мора од хотел да не возат во сала и потоа да играме пред многу луѓе. Тоа нема смисол“, вели Микел Хансен.

Данска во првата фаза на Светското првенство е во групата Д со селекциите на Аргентина, Бахреин и Конго.