Данска го сруши европскиот шампион и закажа полуфинале со Црна Гора

Репрезентацијата на Данска во последното коло од главната фаза на Европското првенство во Љубљана го одиграа најдобриот натпревар на континенталниот собир, откако во скандинавското дерби за првото место во групата А, го совлада актуелниот европски и светски шампион, селекцијата на Норвешка, со резултат 31:29.

Данска со победата против Норвешка го освои првото место во својата група и ја избегна Франција во полуфиналето и за место во финале ќе се бори против Црна Гора, додека Норвешка за пласман во финалето ќе игра против актуелниот олимписки првак Франција.

Двете репрезентации, иако имаа обезбедено полуфинале на Европското првенство, сепак, се бореа до последната секунда за победа, со цел да ја избегнат незгодната Франција во полуфиналето. Скандинавското дерби, кое донесе многу неизвесност, започна со изненадувачко водство на разиграните ракометарки на Данска, кои во воведните десет минути имаа предност од три гола разлика, 6:3. Цврстата одбрана на Данска на чело со искусната Хеиндал беше причина селекторот на Норвешка, Торир Хергеирсон да побара тајм-аут во 10 минута.

Советите од клупата вродија со плод и актуелниот европски шампион успеа да се врати во игра и по нерешените 8:8 дојде до 9:8. До крајот на првото полувреме се играше во брз ритам, двата табора наизменично постигнуваа погодоци и резултатот најчесто беше нерешен. По големата борба во првите 30 минути, селекцијата на Норвешка на пауза замина со минимално водство од 13:12.

И во вториот дел од средбата се следеше атомски ракомет. Мрежите се тресеа постојано и ниту една од двете репрезентации до 50 минута не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол и беше јасно дека само нијанси ќе одлучуваат, кој ќе ја добие битката за првото место во групата А. По 40 минути игра резултатот беше нерешен, 22:22.

Данска пред финишот на натпреварот направи исчекор и во последните десет минути влезе со предност од 27:24. Норвешка играше се потешко во нападот, одлична меѓу стативите беше Сандра Тофт и на речиси пет минути Данска ги постави дотогаш највисоките плус пет, 29:24. Предноста беше голема за Норвешка да направи пресврт и да дојде до победа, па така ракометарките на Јеспер Јенсен успеаја да бидат победници во вечерашното дерби од групата А.

Најефикасна во репрезентацијата на Данска беше Ане Мете Хансен со седум погодоци, а одлична меѓу стативите беше голманката Сандра Тофт со 12 интервенции. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Нора Мерк со осум погодоци од девет обиди.