Данил Шишкарев, и капитен и преведувач

Машката сениорска репрезентација на Русија иако не настапува ниту во квалификации, ниту на големи натпреварувања под капата на ЕХФ и ИХФ најмалку до 2024 година, сепак има активности.

На собирот во Звенигород, селекторот Велимир Петковиќ смета на ракометарите само од домашното првенство со икслучок на оние од Чеховски Медведи, кои не добија дозвола од клубот.

Капитенот Данил Шишкарев е лидер на подмладената репрезентација на Русија и најискусен меѓу ракометарите, а во интервју за „Брз Центар“ откри дека има и уште една улога во националниот тим.

„Не се чувствувам како ветеран. Дури и обратно, се чувствувам помлад со овие млади дечки. Радосен што можам да помогнам. Покрај тоа имам уште една улога – преведувач на селекторот, но не ми пречи. За времето во Вардар одлично ги совладав балканските јазици. Кога сме сите на број, во превод помагаат и Александар Шкуринскиј и Дмитри Житников, но сега јас, па можам уште подобро да го навежбам јазикот. Секогаш сум подготвен да им помогнам на момците полесно да се адаптираат и добро да ги разберат задачите од тренерот, кој исто така полека го совладува рускиот јазик“, изјави Шишкарев.

Русија во октомври ќе има следен собир кога ќе одигра пријателски натпревари со Белорусија и Кина.